Крадците кои трипати во 15 дена го ограбија КК Гостивар ги шокираа дури и – Србите (ФОТО)

Во ек на големата борба против пандемијата со коронавирусот, веста дека просториите на кошаркарскиот прволигаш Гостивар биле ограбени дури три пати во последните 15 дена ги изреволтира речиси сите што ја прочитаа и тоа не само кај нас туку и во соседна Србија, каде што локалните медиуми со неверување ја пренесоа информацијата од Западна Македонија.

„Овие крадци немаа ниту трошка морал“, „Имаат ли барем малку чест“, „Зарем во ек на пандемија“, „Трет грабеж на македонски клуб во време на коронавирусот“, се само дел од насловите кои можеа да се прочитаат на српските интернет-портали. Нивното чудење се однесува на изостанокот на морал и на чест кои би морале да бидат во „минус“ за да се тргне во обивање на простории на кошаркарски колектив во време кога целиот свет е фокусиран на битката против невидливиот смртоносен непријател наречен Ковид-19.

Според пишувањето на „Гостивар прес“, при кражбите за кои се пишуваше и вососедството направена е материјална штета при што е одземена опрема на клубот, спортски реквизит и документација. Просториите на гостиварскиот прволигаш се наоѓаат во подтрибинскиот дел од салата „Младост“, која веќе неколку сезони најчесто е претесна на натпреварите кои таму ги играат избраниците на тренерот Марјан Србиновски.

Таа е затворена поради мерките на Владата во борбата против Ковид-19, но тоа не ги спречило дрските крадци не само насилно да влезат внатре, туку и да ја оштетат внатрешноста и надворешноста на спортскиот објект со графити и чкртаници.