„Кошарка без навивачи, како порно филм без – звук!“ (ВИДЕО)

Глобалната пандемија со коронавирусот е причината поради која скоро точно една година спортските вљубеници се „исфрлени“ од стадионите и салите, поради што веќе и се привикнавме на натпревари пред празни трибини и со театарска атмосфера, која дефинитивно го намалува ужувањето во борбата на терените односно паркетите.

Привикнувањето на животот со вирусот и делумното враќање во нормала во многу животни активности, се причините поради кои сè погласни се реакциите на навивачите, кои бараат да им се овозможи враќање на трибините, секако под строго определен здравствен протокол. Пред неколку дена глас кренаа членовите на „Комити“, а денеска и на навивачката група „Сити Парк Бојс“, кои со посебна „герила-акција“ испратија порака до надлежните.

„Кошарка без навивачи, како порно без – звук!“, пишуваше на паролата која фановите на Работнички ја испишаа и објавија на социјалните мрежи.

Членовите на ЦПБ се собраа на отворено и со пиротехничко шоу го промовираа својот став околу затвореноста на спортските објекти во државата. Истовремено, тие испратија поддршка до кошаркарите на Работнички, кои утре претпладне ќе ги одмерат силите со вечниот ривал МЗТ Скопје (11 часот) во првото вечно дерби надвор од државата.

Тоа ќе биде меч во склоп на 8. коло од АБА2-лигата, кој ќе се одигра на турнирот во Сараево.