Кочов верува во своите избраници: Ќе дадеме се од себе за да го одбраниме „Јане Сандански“

По убедливиот пораз од Борац со 95-73, кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе се обидат да се вратат во победнички ритам кога е во прашање регионалната АБА2 лига.

На натпреварот кој стартува во 18 часот, тимот од Аеродром за противник ја има Сутјеска, која важи за доста незгоден ривал и моментно се наоѓа на петата позиција на првенствената табела.

Но, и покрај тоа, македонскиот шампион е апсолутен фаворит на натпреварот од 16. коло, а во досегашниот дел од сезоната има 11 победи и четири порази и моментно се наоѓа на второто место на табелата.

Тренерот Ѓорѓи Кочов е максимално претпазлив и се надева дека неговите избраници ќе го одбранат домашниот терен.

Без разлика што во следните три дена не очекуваат два натпревари, во пресметката со Сутјеска ќе влеземе максимално и без калкулации. Ќе дадеме сѐ од себе за да го одбраниме домашниот терен, каде што сезонава сме без пораз. Ни доаѓа противник кој максимално го респектираме, но кошаркарите се свесни за значањето кое го има овој меч. Поддршката од нашиот шести играш од трибините ќе ни биде и тоа како добредојдена во обидот да дојдеме до посакуваниот триумф, за кој, сигурен сум, ќе се води борба во сите 40 минути, истака предводникот на „металците“.