Кочов: Со катастрофална одбрана не се победува ниту еден противник!

Нервозата и разочарувањето беа видливи на лицето на Ѓорѓи Кочов, тренерот на МЗТ Скопје по вечерашниот пораз од Хелиос (85-89), прв на домашен терен за аеродромци во АБА2-лигата сезонава.

Стратегот на „металците“ веднаш го лоцира проблемот, а тоа е играта во дефанзивата.

„Одигравме катастрофално во одбраната, особено во втората и третата четвртина, кога на двајца нивни кошаркари грешевме во основните дефанзивни работи. Кога ќе примите 90 поени, едноставно, нема што да барате против било кој противник“, изјави Кочов.

Следниот меч за македонскиот шампион во регионалното натпреварување е следниот четврток, кога ќе му гостуваат на Широки.