Кочов самокритичен: Неодговорната игра и грешките во нападот ептен скапо нѐ чинеа!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, пропушти голема шанса со два бода да се врати од гостувањето кај Хелиос Домжале (76-78) и да остане на врвот од табелата во АБА2-лигата, што, секако, делуваше на расположението кај тренерот Ѓорѓи Кочов.

Предводникот на „металците“ причините за поразот во мечот од 7. коло, во кој неговиот тим се врати по негатива од 13 поени и промаши шут за победа, ги најде во неодговорноста во одредени моменти и грешките во нападот.

„Натпреварот го отворивме како што посакувавме, но потоа одигравме крајно неодговорно во третиот период, во кој противникот резултатски се одлепи. Успеавме да се вратиме по негативата од 13 поени, но потоа повторно направивме низа грешки во нападот кои скапо нѐ чинеа. Без разлика на сѐ, Хелиос заслужено победи на крајот“, изјави Кочов.

Аеродромци сега имаат учинок 5-2 и остануваат првопласирани на табелата, барем до утрешното гостување на директниот конкурент Борац Чачак (скор 5-1) кај Сплит.