Кочов презадоволен: Гранитната одбрана ни донесе многу важна победа!

Три од три има МЗТ Скопје во новата сезона во АБА2-лигата, што секако носи задоволство кај младиот стратег на клупата на овој тим, Ѓорѓи Кочов.

Ако претходните две победи беа остварени со одличен напад, вечерва против словенечка Рогашка бодовите ги донесе дефанзивата за што говори и крајниот број поени постигнати на противникот (74-54).

„Честитки до моите кошаркари, кои испочитуваа сѐ што беше договорено. Одбраната ни беше гранитна и дефинитивно беше таа што го реши победникот на оваа средба. Ова беше заеднички триумф за сите, што секако ме радува. Имаме речиси нова екипа, која допрва се запознава и која допрва треба да стане тим. Одиме понатаму, од меч во меч, без да се вртиме наназад“, изјави Кочов.

Аеродромци со овој триумф го осигураа лидерското место на табелата пред следната четврта рунда, во која, следната среда, на домашен терен ќе го пречекаат Борац од Чачак.