Кочов претпазлив: Ништо не е готово, нѐ чека пеколен реванш во Скопје!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остварија исклучително важна победа на вечерашното гостување кај Спарс (71-70) за водство во полуфиналната плејоф-серија во АБА2, нешто што не донесе преголема еуфорија кај тренерот Ѓорѓи Кочов.

Стратегот на аеродромци ја „спушта“ топката и уште од сега почнува да ги подготвува своите играчи за пеколен реванш в недела во „Јане Сандански“. Триумф во овој меч ќе значи и пласман на македонскиот тим во големото финале од ова регионално натпреварување.

„Знаевме дека нѐ чека тежок натпревар бидејќи игравме против тим кој игра добро во континуитет цела сезона. Бевме во грч во текот на целиот натпревар, нешто што искрено не очекував. Спарс беше подобар во целото прво полувреме, а ние бевме вон посакуваниот ритам. Во продолжението одигравме далеку подобро и го стигнавме противникот, а во финишот и имавме среќа. Но, ништо не е готово бидејќи нз очекува тешка и неизвесна средба в недела во Скопје“, изјави Кочов.

Јунак на вечерта во таборот на сино-белите беше Лестер Медфорд, кој го постигна победничкиот кош на секунда до крајот на средбата.