Кочов пред Приморска: Словенците имаат слабости кои може да ги искористиме!

Две победи во исто толку меча е стартниот учинот на МЗТ Скопје во АБА2-лигата, низа која кошаркарите на овој тим сакаат да ја продолжат и на утрешното гостување кај словенечка Сикст Приморска (18 часот).

Станува збор за исклучително квалитетен тим, кој исто така врза два триумфи и кој се смета за најголем фаворит за освојување на првото место и пласман во елитното регионално натпреварување. Аеродромци се свесни за сето ова, но сметаат дека противникот има слабости кои би можеле да се искористат.

„Со оглед на сите информации до кои дојдовме, екипата на Приморска дефинитивно е најсериозен кандидат за пласман во АБА-лигата, а мислам дека во моментов имаат екипа која добро би играла во најдоброто регионално натпреварување. Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. Имаме ситни повреди во тимот, но верувам дека ако ни се укаже шанса, ќе може да дојдеме до посакуваните бодови“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

За „металците“ ова е и шанса за поправање на впечатокот по поразот во неделното дерби против Блокотехна на стартот од домашната Прва лига. Гостувањето на МЗТ Скопје кај Приморска ќе биде пренесувано на Арена Спорт телевизијата.