Кочов: Одбраната ни ја донесе победата, која веднаш треба да ја – заборавиме!

Исцрпеност можеше да се види на лицето на тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, по вечерашната победа над Сутјеска (88-78), во меч кој беше психолошки тежок, пред сѐ поради проблеми со судиите и празнењето на салата, поради што натпреварот траеше речиси 140 минути.

Младиот стратег на македонскиот шампион беше задоволен од триумфот, осми по ред на домашен терен сезонава во АБА2-лигата, кој, сепак, не донесе никаква еуфорија кај него и кај сино-белите кошаркари.

„Честитки до моите играчи за победата. Беше тежок натпревар до самиот крај, а задоволен сум како одигравме во одбраната иако секогаш има простор за подобрување. Ова веднаш го забораваме и одиме кон следните предизвици“, изјави Кочов.

Аеродромци веќе задутре ќе го одиграат првиот меч по зимската пауза во домашното првенство и тоа на пред своите гледачи против незгодниот Гостивар (20.15 часот), додека во вторник ќе му гостуваат на поранешниот европски шампион, Сплит.