Дебитантот Кочов искрено: На АБА-лигата ѝ е неопходен тим како МЗТ Скопје! (ВИДЕО)

Принудно, поради семејните обврски на првиот стратег Жељко Лукајиќ, 33-годишниот Ѓорѓи Кочов го вечерва дебитираше на клупата на МЗТ Скопје и тоа во меч од АБА-лигата, во кој сино-белите пред сѐ поради кусата ротација убедливо загубија на гостувањето кај Морнар.

Младиот асистент во стручниот штаб на „металците“ на прес-конференцијата по средбата го лоцира главниот проблем во играта на неговиот тим, а воедно одговори зошто составот од „Јане Сандански“ и во иднина треба да продолжи да игра во регионалното натпреварување.

„Ако мене ме прашувате, а и искрено се надевам дека ќе биде така, би сакал МЗТ Скопје да го гледаме и во иднина во оваа јадранска конкуренција. Мислам дека МЗТ ѝ е потребен на АБА-лигата како претставник на Македонија со условите кои ги има клубот. Но, тоа се административни прашања кои дополнително би требало да бидат решени“, одговори Кочов на прашање поврзано со судбината на македонскиот клуб во лигата на најдобрите на просторот на поранешна СФР Југославија.

Во продолжение, тој го лоцира заморот и малиот фонд на играчи кои ги имаше на располагање.

„Клучна за нас беше кусата ротацијата, односно играњето без класичен плејмејкер. Во текот на мечот го загубивме и Дарко Соколов, а Андреј Настевски е премлад за вакви натпревари. Имавме добра втора четвртина, во која анулиравме доста од голема предност на противникот, но во второто полувреме немавме решенија за нивната игра два на два. Американците кои ги имаат на располагање се навистина одлични и на Морнар му честатам на победата и му посакувам среќа во полуфиналето од плејофот во АБА“, дополни Кочов.

МЗТ Скопје сезоната ја заврши на последното место на табелата со три победи, но тоа сѐ уште не значи дефинитивно отсуство од следната сезона од јадранската конкуренција. Пред извесно време во српските медиуми излезе шпекулација за евентуално проширување на АБА на 14 тима, поради што ниту еден од сегашните тимови нема да испадне.