Кочов: Игравме без идеја, но најважно е што победивме!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје остана единствен во регионалната АБА2-лига со максимален ефект со четири победи на стартот на новата сезона, но вечерва металците добро се испотија и се намачија за да победат против Борац Чачак.

МЗТ стигна до триумф во последната четвртина, кога прво со серија од 10-0 се вратија во предност, а потоа со пет поени во серија го одбија последниот обид за српскиот тим да се го внесе мечот во неизвесност. Тренерот на „штрковите“ Ѓорѓи Кочов по мечот посочи дека колку што го радува триумфот, исто толку го прави незадоволен начинот на кој неговите избраници го одиграа мечот.

„Честитки за играчите за победата, среќен сум што победивме, ама крајно незадоволен како игравме. Имаме пропусти и сега ни останува само пак да ја гледаме средбата и да ја анализираме за да ги поправиме грешките. Игравме без идеја, направивме почетнички грешки во примопредавање на топката, ама на крај најважен е конечниот исход. Ако треба нешто да се пофали е тоа што првпат натскокавме една екипа – имавме 18 скока повеќе од противникот“.