Кочов: Го разбивме македонскиот синдром, победивме кога беше - најважно!

Максимално задоволен од остварувањето на неговите избраници, тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, на прес-конференцијата по победата над Спарс и влезот во големото финале од АБА2 ја потенцира сопствената верба во тимот кој го предводел.

„Очекував неизвесен меч и многу поразличен од првиот, што и се случи. МЗТ денеска беше организиран, не брзавме туку бевме трпеливи. Игравме брзо кога требаше, игравме долги напади кога требаше. Спарс игра модерна кошарка и воопшто не беше лесно да се победат. Горд сум на овие играчи. Од почеток верував во оваа екипа, после првите неколку кола се виде дека може да влеземе во АБА. Им требаше време да сфатат дека можат, го разбивме македонскиот синдром и победивме кога беше најтешко. Ова е успех на цел клуб, не само на играчите или стручниот штаб“, изјави Кочов.

На крајот, стратегот на „металците“ ги пофали навивачите.

„Благодарност и до навивачите кои препознаа дека ни требаат. Ние секогаш даваме максимум. Не е исто на концерт да пееш во празна сала и пред многу луѓе, мотивацијата не е иста“, дополни Кочов.