Кочов самокритичен: Единствената добра работа од вечерашниот дуел е – победата!

Со многу пот и нервоза, кошаркарите на МЗТ Скопје го совладаа тимот на Ловќен во вечерашниот меч од 4. коло од АБА2-лигата, но не донесе многу радост кај тренерот Ѓорѓи Кочов, пред сѐ поради фактот што противникот постојано беше во водство, а триумфот беше осигуран дури во дополнителните пет минути.

„Јасно ни беше дека нѐ очекува тежок натпревар. Немаше агресивност и поени од противнапад во нашата игра, што беше препознатливо за нашата игра во изминатите средби и тоа се одрази врз резултатот. Фактот што цело време бркавме резултат направи дополнителна тензија кај нас и лошо изреагиравме. Но, добро е што не загубиме и тоа е единствената добра работа од оваа средба. Останува да ги поправиме грешките и да играме како што оваа екипа знае да игра и сака да игра. Играме на два фронта, мора да ротираме и да внимаваме со играчите. Секој ја добива својата шанса, вечерва кошаркарите ја оправдаа“, изјави Кочов.

Аеродромци сега имаат скор 3-1, а за една недела ќе му гостуваат на тимот на Зрињски од Мостар (БиХ).