Ќе дозволи ли АБА? Приморска сака да игра со шест просечни Словенци и со пет – јуниори!

Екипата на Копер Приморска минатата недела прво официјално се откажа од настап во АБА поради финансиски проблеми, што отвори врата за влез на МЗТ Скопје во јадранската елита, па два дена подоцна да објави дека на чудесен начин нашла пари и дека ќе игра, за деновиве да пријават „смешна“ екипа во која се само шестмина словенечки сениори и петорица – јуниори.

Ова денеска го објавија медиумите од БиХ, потенцирајќи дека на пријавната листа на словенечкиот тим се нашле играчи како Матеј Ројц, Ерјон Кастрати, Јуриј Мацура, Лука Вончина, Рок Неменчиќ и Бојан Радуловиќ, кој минатата сезона покажа потпросечен квалитет токму во дресот на „металците“. Иако беа најавени како потпишани, на списокот регустрирани кошаркари во АБА ги нема добро познатите на нашите простори Марко Љубичиќ и Марко Луковиќ како и Американецот Стерлинг Гибс. Нема ниту еден друг странски кошаркар, што е доволен показател дека финансиската криза и понатаму ја „тресе“ Приморска.

Оваа листа со која составот од Копер сака да игра во најдобрата АБА-лига предизвикала револт кај поголем дел од тимовите кои се натпреваруваат во неа, со оглед што им го руши квалитетот на производот кој сакаат да го продадат. Поради тоа, како што пишуваат босанските медиуми, во текот на следната недела раководството на јадранското натпреварување на Приморска ќе ѝ биде побарана банкарска гаранција во износ од 100.000 евра, како вид на осигурување дека тимот нема да се распадне во текот на сезоната, но и дека ќе успее да формира квалитетна екипа со која би се натпреварувал против најдобрите во регионот.

Сето ова значи дека МЗТ Скопје се уште е во игра за влез во АБА-лигата, особено што интерес за тоа имаат и челниците на Игокеа, бидејќи во тој случај празното место во АБА2 ќе го пополни нивната филијала, Борац од Бања Лука. А позади овој тим стои првиот човек на Република Српска, Милан Додик.