КФСМ си најде партнер: Перо Антиќ потпиша меморандум за соработка со – Косово!

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ, денеска го ставил потписот на Меморандум за соработка на нашата со федерацијата на Косово (БФК) за заеднички развој на овој спорт во двете држави, кој исто така бил потпишан од неговиот колега од северозападното соседство, Арбен Фетаху.

Според официјалната интернет-страница на косовската Куќа на кошарката, документот е со важност од најмалку две години, а предвидува заедничко организирање на турнири и меѓусебни мечеви на сениорско, но и на младинско ниво, размена на стручњаци и заедничко тренирање, како и учество на таленти, тренери и судии на кампови организирани од едната или другата национална федерација. Антиќ и Фетаху договориле меѓусебна помош при организација на разни кошаркарски активности, а предвидена е заедничка соработка при анимирање на бизнис-секторот во делот на наоѓање спонзори.

Еднаш годишно, претставници на КФСМ и на БФК ќе седнат на маса да го разгледаат дотогаш одработеното според Меморандумот, како и да договорат следни активности кои би биле од заеднички интерес.

Косово веќе неколку години е член на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и се натпреварува во (прет)квалификациите за Светските одосно Европските првенства, но и покрај тоа оваа репрезентација како и клубовите од државата не се признати од нивната некогаш матична држава Србија. Токму поради тоа може да се случи да дојдат непријатни коментари на овој потег на Антиќ во улога на претседател на КФСМ, со оглед што со години наназад е голем миленик на навивачите на Црвена звезда за која настапуваше во минатото.