Џикиќ му го расипа сонот на Антиќ за прва титула во АБА

Кошаркарите на Будуќност првпат се искачија на највисокото место на пиедесталот во АБА-лигата, откако вечерва, во фантастично борбен и до крај неизвесен натпревар, ја совладаа Црвена звезда (77-73) и со 3-1 ја добија финалната серија со веќе поранешниот шампион.

Со тоа пропадна и сонот на макеоднскиот интернационалец Перо Антиќ за освојување на првата титула во јадранската конкуренција, нешто што и тоа како го посакуваше во црвено-белиот дрес. Македонецот поради повреда ги пропушти сите средби од финалето, кои го мина гризкајќи нокти крај аут линијата немоќен да им помогне на своите соиграчи.

Вечерашниот меч беше своевидна резултатска клацкалица во која екипите во неколку наврати се менуваа во водство, а домашниот клучната предност ја обезбеди во финишот од третиот период кога од минус осум (41-49) со серија 17-5 дојдоа до плус четири (58-54). Потоа Будуќност ја имаше контролата врз резултатот сѐ до самиот крај, со мал исклучок на две минути до крајот кога белграѓани поведоа со 68-70. Но, следуваа дури девет поени во низа на составот од Подгорица за недостижни 77-70 на десетина секунди секунди до крајот, што значеше и знак за почетокот на огромното славје на трибините во „Морача“.

Немања Гордиќ уште еднаш беше најдобриот поединец кај Будуќност со 18 поени, Никола Ивановиќ постигна 17, а Баровиќ 14 поени. Рочести со 14 и Омиќ со 12 поени беа најефикасни кај Ц. Звезда.

Триумфот во големото финале за тимот од Подгорица значи и пласман во Евролигата следната сезона.