Изненадување во Бар: Морнар му покажа на МЗТ Скопје како да го победи Партизан!

Кошаркарите на Морнар го направија најголемото изненадување во четвртфиналната фаза од Суперкупот на АБА, откако во вечерашниот последен дуел со совладаа белградски Партизан со 91-77.

Домаќинот на првото издание на Суперкупот одигра фантастичен меч и во второто полувреме целосно го скрши отпорот на фаворизираните црно-бели. Истовремено, тие на македонскиот шампион МЗТ Скопје му го открија патот кон успехот против поранешниот европски шампион, кој е нивни прв противник на стартот од новата сезона во АБА-лигата (29 септември).

Овој меч долго ќе го памети и македонскиот судија Боро Антовски, кој дебитираше на меч од регионалното натпреварување. Екипата од Бар до триумфот дојде без помошта на поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Куманово и на Кожув, Урош Луковиќ, кој воопшто не влезе во игра против тимот каде што настапуваше минатата сезона.

Победата на Морнар, пак, значеше црногорско полуфинале во Суперкупот и тоа против Будуќност, кој претходно беше подобар во пресметката со Цибона (96-90). Меѓу четирите најдобри се најдоа уште и Цедевита и Мега Бемикс, кои беа подобри од ФМП (86-68) односно од Игокеа (83-72). овие средби се играат задутре, а големото финале е в сабота.