Историја: Избрана најдобрата петорка во Еврокупот, сите до еден се од – Партизан!

Зад белградски Партизан е фантастична сезона во Еврокупот, која, за жал, поради пандемијата со коронавирусот не беше крунисана со триумф и пласман во Евролигата, за што што најдобро говори и комплетната доминација на црно-белите при изборот на најдобрата петорка во ова, второ по квалитет во Европа, клупско натпреварување.

Според фановите, кои имаа можност да гласаат во изминативе две недели, дури петмина партизановци се најдоа во најдобриот тим, како потврда на тврдењата дека белграѓани беа најголем фаворит за триумф во Еврокупот. Во првата петорка се најдоа Огњен Јарамаз, Маркус Пејџ, Раде Загорац, Вилијам Мозли и Рашон Томас, кои го носеа црно-белиот дрес во минатата сезона.

„Им честитам на нашите кошаркари за изборот во најдобрата петорка од страна на навивачите ширум Европа. Тоа е уште еден доказ дека бевме најголеми фаворити. Воедно, тоа е и причина за оптимизам, бидејќи истата петорка ќе ја гледаме во дресот на Партизан и во следната сезона“, изјави Остоја Мијаиловиќ, првиот човек на црно-белата чета.