Исповед за наместен меч: „Ќе загубите со повеќе од осум поени или – нема плата“!

Дека е сѐ поголем бројот на сомнителни натпревар во европската кошарка, во која се мести крајниот резултат поради добивка на обложувачница, потврдува и исповедувањето на Американец, кој открил многу детали откако добил гаранции за анонимност.

Станува збор за натпревар од првенството на соседна Грција.

„Играв три месеци во кои не добив ниту еден цент. Настапувавме против еден од традиционално најмоќните грчки тимови и се боревме како лавови, поради што на полувремето бевме во негатива од само пет поени. Но, наместо пофалби за борбеноста, во соблекувалната ни влета газдата на тимот целиот црвен во лицето и лут како рис врескајќи на нас зошто не губиме повеќе бидејќи со ваков резултат тој губел пари. Мојот натпреварувачки дух ме натера да му се спротиставам, но тогаш тој ми се внесе во лице и ми рече дека ако не загубиме со повеќе од осум поени да се збогувам со платата. Не дека бевм изненаден, но и откако се случи тоа што го бараа од нас јас пак не бев платен. Дури откако престанав да одам на тренинзи ми исплатија една од трите плати кои ми ги должеа“, вели американскиот кошаркар кој игра во нашето јужно соседство.

Во Македонија досега немало некој сличен случај, но имало обид за поткуп на судија. Тоа го потврди сега пензионираниот делител на правдата Марјан Мицевски, кој во интервју за „Спорт 1“ отворено призна дека му нуделе тон пари за да намести натпревар.