Интересно: Морнар од Хрватска ќе игра кошарка за Морнар од Бар!

Најпријатното кошаркарско изненадување на просторот на поранешна СФРЈ, екипата на Морнар, која играше полуфинале во АБА и стана шампион на Црна Гора, почна да го формира тимот на следната сезона со обновата на договорот со центарот Урош Луковиќ и со ангажманот на Хрватот Марин Морнар.

Поранешниот кошаркар на Куманово и на МЗТ Скопје беше еден од најзаслужните за големиот успех минатата сезона поради што неговото останување беше приоритет за управата на составот од Бар. Имаше шпекулации дека летово ќе се врати во Партизан, но остана верен на Морнар каде што е најголем миленик на навивачите.

Хрватот Морнар, пак, игра на позицијата крилен центар и во црногорскиот тим доаѓа од шведски Борас каде што минатата сезона просечно реализирал 11,2 поени.