Им нема крај на трагедиите: Почина легендата на Партизан – Миленко Савовиќ!

Во само неколку дена и трет голем спортист од просторот на поранешна СФР Југославија прерано го напушти овој свет. По ракометарот Златко Сарачевиќ и фудбалерот Златко Крањчар, денеска почина легендарниот српски кошаркар, Миленко Савовиќ (61 година).

Станува збор за еден од најдобрите центри во историјата на Партизан и долгогодишен капитен, кој 12 сезони настапуваше во црно-белиот дрес почнувајќи од далечната 1977 година. Тој пред еден месец беше хоспитализиран поради компликации поврзани со коронавирусот, а засега нема официјални информации дали тоа е причината за неговата смрт.

Савовиќ освои три шампионски титули со Партизан во поранешната заедничка држава, трипат со црно-белите беше најдобар во Купот Радивоје Кораќ, кое тогаш беше натпреварување на ФИБА, а двапати дојде до пехарот во Купот на Маршалот Тито. Со репрезентацијата на СФРЈ има европско сребро.