Илиевски: Победивме убедливо, но знам дека можеме и уште подобро!

Радост во таборот на Блокотехна по синоќешниот старт на новата сезона во БИБЛ-лигата, разбирливо поради убедливиот триумф во пресметката на домашен терен против бугарски Академик Бултекс (89-74).

Тренерот на гевгеличани, Марјан Илиевски, сепак, не беше во целост задоволен од начинот на кој одиграа неговите избраници иако беше задоволен од остварениот резултат.

„Подоцна влеговме во БИБЛ-лигата поради што не подготвивме ростер кој би можел да одговори адекватно на паралелно играње во две натпреварувања. Згора на тоа, фактот што сезоната ја почнавме на домашен терен донесе одреден притисок кај кошаркарите бидејќи сигурен сум дека можат да одиграат многу подобро од прикажаното. Крајниот резултат, сепак, покажува дека бевме подобар тим за што им честитам на моите момци“, изјави по мечот Илиевски.

Јунак на вечерта беше српскиот интернационалец Данило Мијатовиќ, кој средбата ја заврши со 37 постигнати поени.

„Знаевме дека Академик е квалитетен тим и дека нашите меѓусебни средби секогаш се до крај неизвесни. Ти се физички добро подготвени, но ние одлично се подготвивме за нив пред натпреварот. Се надевам дека ќе продолжиме да играме вака добро како во БИБЛ така и во домашното првенство“, изјави Мијатовиќ.

Следен противник на Блокотехна во регионалното натпреварување е албанска Теута, каде што ќе гостуваат следниот вторник.