Илиевски на Словенците им држеше предавање за убавините на Македонија (ВИДЕО)

Дека спортистите се најголеми амбасадори на една држава е факт што одамна е познат, иако кај нас тоа не се цени ниту практикува премногу, но работите може да се сменат ако политичарите го погледнат денешниот прилог на словенечката национална телевизија со легендарниот кошаркар Владо Илиевски.

Стрелецот на најважниот кош во историјата на макбаскетот, победничката тројка против Литванија во четвртфиналето на ЕП 2011 во оваа земја, денеска беше гостин на исклучително популарната утринска емисија „Добро утро“ на РТВ Словенија со една единствена цел – да ја промовира Македонија. Тој гостувањето го почна на македонски јазик, со што ја одушеви водителката, на која потоа ѝ објасни дека најубавите пиперки и домати во поранешната заедничка држава доаѓале од неговиот роден град Струмица.

Илиевски говореше и за дочекот по историското четврто место во Литванија, за Охрид, Матка, Струмица, за ајварот и за другите убави традиции и места во нашата држава, кои секако се привлечни за словенечките туристи. Десетминутната реклама за промоција на Македонија на било која национална телевизија во принцип чини многу илјадници евра, но овој пат ја добивме без пари само поради тоа што Илиевски е ценет и признат во Словенија, каде што во моментов живее.

Видеото со гостувањето на Илиевски може да го погледнете ТУКА.