Играше на пет Евробаскети, беше клупска легенда, а сега прежувува растоварајќи - гајби!

Дека не сите добри спортисти успеваат да заработат доволно пари за мирни пензионерски денови се потврдува и во случајот со Самир Лериќ (47 години), поранешен репрезентативец на БиХ и легенда на некогашниот европски првак Босна, кој и покрај одличната кариера сега преживува растоварајќи гајби и разнесувајќи леб.

Големата економска криза поради пандемијата со коронавирусот го примора легендарниот босански кошаркар да се вработи хонорарно во фирма од Сараево каде што извршува физички работи. Сето ова предизвика шок во јавноста, па дојдоа прашања од типот зарем нема место за Лериќ, кој 12 години играше за БиХ и има дури пет настапи на Европските првенства, во неговиот матичен клуб Босна, каде што го остави своето срце. Особено што тој има диплома за професор по спорт и завршено вишо образование за спортски тренер.

„Не би менувал ништо, горд сум на сѐ. Потекнувам од работничко семејство и не ми е тешко да работам било што. Времињата се такви. Се надевам само дека ќе дојде подобар период за сите и дека ќе добијам можност за некоја нормална работа преку која би создавал добра иднина за моите деца“, скромно вели Лериќ.

 

 

Крилниот центар никогаш не важел за голем поентер или ѕвезда, ама бил борец со големо срце без кого не може да се замисли селекцијата на БиХ во периодот од последната деценија од минатиот до средината на првата деценија од овој век. Лериќ настапи и на две средби против Македонија во квалификациите за ЕП 2003 во Шведска, кога жолто-црвените победија во Скопје, но потоа убедливо загубија во Тузла и останаа без шанса за пласман на овој Евробаскет.