Во меч во кој однапред беше познат крајниот епилог, кошаркарите на МЗТ Скопје очекувано загубија убедливо на гостувањето кај Будуќност (62-104), со што останаа на само три победи во АБА-лигата во која им останаа уште само две средби за одигрување.

Со крпен состав и без вистински плејмејкер, каде што беше единствено 17-годишен Андреј Настовски, македонскиот шампион немаше што да бара против тимот кој со право атакува на највисок пласман во регионалното натпреварување. Разликата во квалитет беше очигледна, а домаќинот уште во првата четвртина дојде до двоцифрена позитива (24-13) потврдувајќи ја улогата на огромен фаворит.

Составот од Подгорица шутираше феноменално, постигнувајќи 19 тројки и погодувајќи со 69-отстотна прецизност за два поени, што дополнително им ја отежна задачата на сино-белите да изборат барем пристоен пораз. Избраниците на тренерот Жељко Лукајиќ се трудеа колку што можеа, но противникот едноставно беше пресилен за да сторат било што повеќе.

Јуре Лалиќ со 17 и Радосав Спасојевиќ со 14 поени беа најпрецизни во составот на МЗТ Скопје, кој беше инфериорен во секој сегмент од кошаркарската игра во однос на Будуќност.

Следува пауза во АБА поради завршницата од Купот во сите земји кои даваат претставници во ова натпреварување, а потоа има и двонеделна пауза поради настапите на репрезентациите во февруарскиот прозорец на ФИБА. Следниот меч за аеродромци во оваа лига е на 3 март кога во „Јане Сандански“ ќе гостува Цедевита.