Хрватска загуби од Полска, а Словенија се збогуваше со пласман на СП

Актуелниот европски шампион Словенија со пораз од Турција ги загуби сите шанси да се пласира на Светското првенство (СП) во Кина наредната година.

Словенија не одигра најдобар натпревар против Турција и покрај тоа што во екипата имаа неколку НБА-ѕвезди, па на крајот загубија со 77-86.

Коркмаз постигна 24 поени, Скоти Вилбекин додаде уште 22, а Осман имаше 19 постигнати поени.

Кај домашниот тим најдобар беше Ентони Рендолф со 24 поени и 12 скокови, а Блаж Месичек постигна 14.

Ниту кошаркарите на Хрватска немаа среќа вечерва, откако беа поразени од Полска со 74-79.

Хрватите направија разлика во втората четвртина, но не успеаа да поведат повеќе од пет поени, па Полска не дозволи на противниците да се одалечат и со серија од 8-0 во последната четвртина стигнаа до 75-67, а до крајот ја одржаа добрата игра и стигнаа до 79-74.

Хрватите со ова си ги намалија шансите за пласман на Светското првенство бидејќи сега имаат три победи и пет порази, а тоа е за едно помалку од третопласираните Унгарија и Полска, а дополнителен проблем е тоа што во следниот дуел нема да може да сметаат на ниту еден НБА-играч.