Хрватска легенда удри по АБА: Кој гледа тоа, па таму играат само Американци!

Неколку години наназад од Хрватска доаѓаат критички осврти на случувањата во АБА-лигата, а последниот од оваа серија се случи деновиве и тоа од еден од најголемите кошаркари во историјата на регионот – Дино Раѓа.

Тој за „Јутарњи лист“ изјави дека лигата е тргната во погрешна насока, пред сѐ поради доминацијата на играчите од САД.

„Одамна тврдам дека хрватските клубови не треба да играат во АБА. Лигата тргна во погрешна насока. Наместо да биде полигон за развој на младите играчи, од кои потоа сите би профитирале, стана место за натпреварување кој има повеќе пари и кој ќе донесе поквалитетни Американци. Не гледам зошто во неа би играле екипите од Хрватска, но и од другите држави од регионот“, вели Раѓа.

Според хрватската легенда, странците ги „гушат“ младите.

„Прочитав дека сезонава има дури 40 Американци во АБА, па тоа се цели четири екипи што е лудост. Разбирам да има по еден-двајца во секоја екипа, но не ми е јасно зошто во некои тимови ги има и по пет-шест. Тие си играат меѓу себе и од тоа никој нема корист“, дополнува Раѓа.

Некогаш фантастичниот центар на крајот поентира.

„Не знам кого сето ова го интересира. Мене сигурно не. Не сум сигурен кога последен пат сум изгледал натпревар од АБА-лигата“, заврши некогашниот југословенски и хрватски ас.

Српските медиуми веднаш контрираат со тезата дека причина за ваквиот став на Раѓа е лошиот настап на хрватските клубови и тоа не само сезонава во која Сплит, Задар и Цибона заедно имаат само една победа, туку веќе неколку години наназад.