Готово е: МЗТ утре ќе биде промовиран во нов член на АБА-лигата (ФОТО)

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје се очекува утре и официјално да биде промовиран за член на АБА-лигата, откако словенечкиот тим Копер Приморска денеска ставил „клуч на врата“ и ги информирал и тие малку играчи кои ги имале на располагање дека од утре треба да си бараат нови средини.

Ова е нешто што се чекаше скоро три месеци, со оглед на големата финансиска криза на тимот од Словенија, која почна на средина од минатата сезона. Најдобрите играчи си заминаа веднаш, но управата на клубот тврдоглаво се обидуваа да се спасат и да продолжат да се натпреваруваат, макар и со подмладен тим. Но, сите напори да најдат нови спонзори завршиле неуспешно, по што следуваше првиот знак дека е сѐ готово, а тоа е откажување на настапот во словенечкиот Суперкуп. Конечниот крај се случил денеска, кога конечно ставиле крај на сѐ, што значи дека наскоро се очекува и банкрот на најпријатното изненадување во регионалното натпреварување во првата половина од минатото првенство.

МЗТ Скопје официјално го има статусот на прва резерва за влез во АБА-лигата, со цел да не се губи време и да не се носат дополнителни одлуки, кога веќе сите очекуваа едно вакво сценарио со распад на Приморска. За аеродромци ова ќе биде враќање во елитата по двегодишно играње во АБА2, каде што прво стигнаа до баражот против Задар каде што несреќно загубија, а потоа прекинот поради пандемијата со коронавирусот не им дозволи да го одиграат плејофот во кој влегоа од третата позиција. Токму поради овој пласман, составот од „Јане Сандански“ прво ја доби улогата на резерва, по промоцијата на Борац Чачак и Сплит, а сега и ќе биде промовиран во АБА-лигаш.

Неофицијално, нова ждрепка нема да биде извршена, туку МЗТ Скопје само ќе го презеде местото на словенечкиот тим, што значи дека првиот меч по враќањето во елитата за скопскиот тим ќе биде против ФМП. Сезоната треба да почне на 1 октомври, а дали ќе биде според класичен систем и според турнирски принцип ќе се дознае наскоро.