Голем потрес во српската кошарка: Една легенда дојде, ама друга си - замина!

Српската кошаркарска репрезентација од денеска и официјално има нов селектор, но воедно федерацијата остана без генерален секретар. 

Игор Кокошков и официјално ја презема селекторската позиција во српската кошаркарска репрезентација, откако доби дозвола од неговиот клуб Сакраменто кинкс, чиј генерален менаџер е Владе Дивац. Тој му дозволи на Кокошков да го напушти стручниот штаб на Лук Волтон, каде беше прв асистент и да го наследи Александар Ѓорѓевиќ, кој по шест години си поднесе оставка по СП во Кина годинава.

Сепак, промените во српската кошарка не останаа само на ова, бидејќи денеска оставка си поднел Дејан Томашевиќ од позицијата генерален секретар на Српската федерација. Неговиот договор истекувал во февруари идната година, па откако Федерацијата не му понудила нов договор, легендата решил сам да се повлече предвреме. Томашевиќ кој е еден од најтрофејните српски кошаркари во историјата ја извршуваше оваа функција од 2015 година.