Го загубија најважниот меч во сезоната и веднаш избркаа половина тим!

Екипата на Будуќност во драстично променет состав ќе се обиде да ја врати титулата во првенството на Црна Гора, откако управата на клубот направи вистинска чистка по поразот во „мајсторката“ за титула во АБА-лига против Црвена звезда, со што беше изгубено правото за учество во Евролигата.

Подгоричани прво направија промена на клупата, именувајќи го Петар Мијовиќ за нов стратег по оставката на Јасмин Репеша, а потоа ставија крај на соработката со дури четворица Американеци – Ерл Кларк, Норис Кол, Коти Кларк и Девин Вилијамс. Челниците на клубот се решија местата наменети за тројца странци во домашното првенство да ги пополнат со Немања Гордиќ, Џејмс Бел и Едвин Џексон, со оглед што на Гога Битадзе му заврши заемот од Мега Бемакс каде што се врати веднаш по мечот во Белград.

Актуелен шампион на Црна Гора е тимот на Морнар.