Ги разбесни навивачите па си замина од МЗТ, ама судбината пак го враќа во Аеродром!

Македонскиот кошаркарски вицешампион МЗТ Скопје за еден ипол месец ќе го почне дебитантскиот настап во АБА2-лигата со желба да дојде до првото место и експресното враќање во елитата, пат на кој еден од главните ривали ќе му биде црногорска Сутјеска во чии редови ќе играат и двајца доскорешни членови на тимот од Аеродром.

Станува збор за Никола Павличевиќ и Радосав Спасојевиќ, кои без поголем импакт настапуваа во сино-белиот дрес. Двајцата денеска потпишаа договори со екипата од Никшиќ, што значи дека повторно ќе се најдат во ситуација да се појават во „Јане Сандански“, но овој пат на клупата наменета за гостинската екипа.

За Павличевиќ тоа сигурно нема да биде пријатна ситуација, со оглед на лошиот раскин и тоа не со клубот и управата туку со навивачите на „металците“. Црногорскиот репрезентативец во МЗТ Скопје дојде на почетокот од ноември минатата година, а си замина пред крајот на декември откако по мечот со ФМП им покажа среден прст на најверните навивачи на клубот, членовите на „Фемили“. Тој одигра само шест средби за аеродромци со просек од 8,7 поени и 2,3 скока.

Спасојевиќ, пак, дојде еден месец пред својот сонародник во сино-белиот табор и остана до крајот, но беше едно од најголемите разочарувања на сезоната. Тој во АБА-лигата настапи на 16 средби со просечна реализација на 8,5 поени и 3,4 скока.

Заедно со двоецот поранешни кошаркари на МЗТ Скопје, за тимот на Сутјеска денеска потпишаа уште петмина и тоа Марко Чалиќ, Драшко Кнежевиќ, Емир Хаџибеговиќ, Борис Лаловиќ и Стефан Вуковиќ. Составот од Никшиќ во „Јане Сандански“ ќе гостува на почетокот од декември.