Гевгеличани доминантни во Бугарија: Четири од пет за Блокотехна во БИБЛ-лигата!

Кошаркарите на Блокотехна дојдоа до четвртата победа во петиот меч во дебитантскиот настап во Балканската лига (БИБЛ), откако вечерва, по голема борба и драма во финишот, како гости го совладаа силниот бугарски претставник Академик Бултекс со 86-82.

Гевгеличани беа во негатива од осум поени на нецели четири минути до крајот (80-72), но тогаш стиснаа во одбраната и со фантастична серија 14-2 дојдоа до драгоцената победа со која се вивнаа кон врвот од табелата во регионалното натпреварување.

Избраниците на тренерот Марјан Илиевски одлично го почнаа мечот, обезбедија двоцифрена позитива уште во првата четвртина, но нагло попуштија во вториот период во кој доминираа домашните. Бугарите пред полувремето направија серија 21-2 со која целосно го свртеа резултатот и на одмор заминаа со солидна позитива (45-37). Но, кошаркарите од Гевгелија не се предадоа во ниту еден момент, туку со трпелива игра постепено се враќаа во игра за во финишот да ги искористат своите шанси и да дојдат до драгоцениот триумф.

Американецот Двејн Бенџамин беше најдоминантен кај Блокотехна со 31 поен и седум скока, Данило Мијатовиќ реализира 22 поени додека Антон Казарновски и Марјан Младеновиќ постигнаа по 12 поени.

Гевгеличани сега имаат скор 4-1, а во следното коло ќе му бидат домаќини на вториот македонски претставник во БИБЛ, тимот на Куманово. Мечот ќе се одигра на 6 декември.