Фемили го избрка од МЗТ, а сега настрада и во - матичниот клуб!

Поранешниот плејмејкер на МЗТ Скопје, Никола Павличевиќ, денеска доби отказ од матичниот клуб Сутјеска, каде што пред 15 години ја почна професионалната кариера и тоа еден ден откако жестоко ја критикуваше управата на клубот во интервју за еден од црногорските весници.

„Долгиот јазик“ очигледно е сериозен проблем за искусниот кошаркар, кој поради слична работа мораше предвреме да ја заврши епизодата во „Јане Сандански“. Тој по поразот на „металците“ на домашен терен против ФМП во декември 2017 година влезе во вербален конфликт со членовите на навивачката група „Фемили“, по што веднаш доби отказ како резултат на непочитувањето на фановите и кршењето на дисциплинскиот правилник на македонскиот клуб.

Причината поради која Павличевиќ го нападна тимот од Никшиќ е фактот што управата за време на паузата поради пандемијата решила да ја прекине соработката со двајца важни кошаркари во ротацијата. Ветеранот исто така забележува и на фактот што домашните играчи останале без две од заработените плати додека траеше сезоната, што донесе сомнеж кај него за клупската стратегија и евентуалната желба за промоција на јадранска сцена.

Сутјеска регуларниот дел од АБА2-лигата го заврши на четвртото место, веднаш зад МЗТ Скопје и во евентуалното плејоф-полуфинале треба(ше) да игра против лидерот Борац Чачак. Аеродромци, пак, имаа закажан дуел со Сплит непосредно пред да се суспендира сезоната поради коронавирусот.