Фантастичниот шут од далечина во првите две ипол четвртини се покажа како клучниот фактор за лесната победа на МЗТ Скопје во вечерашната пресметка кај Вршац (95-88), прва на гостински терен сезонава во АБА2-лигата.

Аеродромци одиграа неверојатно во нападот, постигнаа дури 62 поени во првото полувреме, додека беа речиси безгрешни во ударите за тројка погодувајќи 12 од првите 13 шута од оваа позиција (потоа постигнаа само една тројка од десет обиди). Серијата 15-4 на стартот од вториот период на сино-белите им ја донесе првата двоцифрена позитива (41-31) со што најавија дека е дојдено време да освојат бодови надвор од своето буниште.

Во сличен стил се продолжи до крајот на првото полувреме, во кое неверојатно одигра Андрија Бојиќ, кој за нецели 15 минути постигна дури 27 поени со само две промашувања од поле (2/2 за 3п, 9/11 за 2п, 3/3 за 1п). Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов и третата четвртина ја почнаа силно и во 25. минута веќе имаа огромни плус 18 (78-60) доволни за мирен финиш и сигурен триумф кој и тоа како го посакуваа пред натпреварот.

Последниот дел од мечот донесе и мали проблеми за кошаркарите на МЗТ Скопје, кои му дозволија на противникот да намали на само четири поени негатива (81-85), но за среќа брзо се стабилизираа и успеаја да го издржат последниот налет и дома да си заминат со два бода во џебот.

Бојиќ со 29 поени беше прв стрелец во македонскиот тим, Џејмс Вудард постигна 18 поени додека Дамјан Стојановски беше стрелец на 14 поени. Аеродромци сега имаат скор 5-2 со кој остануваат во самиот врв од табелата во АБА2-лигата.

Следниот противник на МЗТ Скопје во регионалното натпреварување е српски Динамик и тоа следниот четврток во „Јане Сандански“.