Екс-тренер на МЗТ удри по сите: Странските кошаркари го убиваат домашниот производ!

Поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Змаго Сагадин, во опширно интервју даде свое мислење буквално за сите проблематични работи во сегашната кошарка, пред сѐ за односите ФИБА-УЛЕБ, проблемите во АБА, како и недостатокот на квалитетни играчи на просторот на цела поранешна СФР Југославија.

Словенецот, кој само неколку месеци се задржа на клупата на сино-белите, смета дека регионалното првенство сѐ уште е најразционалното решение за сите држави произлезени од некогашната заедничка, како и тоа дека странците се најголем проблем за квалитетен домашен производ.

„Загрижен сум за судбината на АБА. Ако Партизан нешто поддржи, тогаш Црвена звезда автоматски е против. Ако белградските ривали се на иста страна, тогаш Будуќност е против нив. И, така во круг. Секога драстична одлука ѝ се заканува на лигата. А, ако таа згасне, тогаш треба сите да бидеме свесни на последиците – губење конекција со Европа и сместување во второлигашка конкуренција на Стариот континент. Бесмислено е да се има државни првенства во така мали земји, какви што се тие произлезени од СФРЈ. Нас сѐ, не е можно да се работи квалитетно со толку многу граници и ограничувања. Единствено добро од сето ова би можело да биде евентуалното чистење од странските легии, кои го убиваат домашниот производ на просторот од Триглав до Гевгелија. Па, не е нормално да се има седум странци во екипа„, изјави Сагадин, кој е еден од основачите на АБА-лигата во веќе далечната 2000 година.

Екс-стратегот на „металците“ удри и по ФИБА, која, според него, не е способна да организира квалитетни натпреварувања.

„ФИБА нема идентични правила за сите селекции. Дојде време кога е лошо да имате голем број кошаркари во НБА и во Евролигата, бидејќи тие нема да ви играат за националниот тим. Згора на тоа, на средбите од ЕП има ужасно мал број навивачи, на пример на средба на селекции кои се помеѓу 9. и 12. место имаше вкупно 16 присутни во салата. Такво нешто не можете да видите на фудбалските големи натпреварувања. ФИБА би морала да следи само два принципи, регуларност и интерес, но тоа не ѝ успева“, дополнува еден од најуспешните тренери на просторот на поранешна СФРЈ на сите времиња.

Сагадин во МЗТ Скопје дојде во јуни 2014 година, а си замина кон средината на октомври, што воедно беше и негова последна работа во тренерската кариера почната уште во 1974 година. Додека работеше во Аеродром на располагање имаше - седум странци, нешто што сега го критикува.