Е, тоа е љубов: Роко Лени Укиќ се врати во матичниот Сплит и ќе игра – бесплатно!

Некогашниот хрватски НБА-кошаркар, Роко Лени Укиќ, уште не заминува во пензија, откако на 37-годишна возраст реши да се врати во матичниот Сплит каде што ќе игра само од љубов кон клубот односно – бесплатно.

Тој во кариерата настапуваше за Торонто, Милвоки, Барселона, Лотоматика и многу други европски тимови, но почувствува дека играчката пензија најдобро да ја почне таму каде што и почна неговиот опус – на „Грипе“. Минатата сезона го носеше дресот на Цедевита Олимпија и во АБА-лигата просечно реализираше 10,4 поени и 3,4 асистенции, а дебито за сплиќани се очекува да го има утре против Морнар, точно на својот 38. роденден.

Ова и не е баш добра вест за македонскиот претставник во регионалната елита, МЗТ Скопје, за кого Сплит е еден од директните конкуренти за опстанок во лигата, а кој со Лени Укиќ сигурно ќе биде далеку посилен. Двата тима сега го делат претпоследното место со скор 2-6, додека последен на табелата во АБА е Борац Чачак со учинок 1-8.