Драматичен деби-пораз за Блокотехна за второ место пред плејофот во БИБЛ!

Кошаркарите на Блокотехна од втората позиција ќе влезат во плејофот во Балканската лига (БИБЛ), откако вечерва на домашен терен загубија од директниот конкурент за врвот од табелата, бугарски Рилски спортист (84-85), во драматичен меч во кој противникот победничкиот кош го постигна на само пет секунди до крајот.

Тоа беше максимално изедначен дуел на рамноправни тимови, во кој гостите речиси постојано ја имаа предноста, која, сепак, не ја надмина границата од седум поени (68-61). Гевгеличани одиграа квалитетно, постојано беа во позиција за пресврт, но на крајот немаа среќа. Данило Мијатовиќ со две слободни фрлања му донесе позитива на македонскиот тим на 20 секунди до крајот, но кошаркарите на Рилски С. квалитетно го одиграа последниот напад и со забивање ја потврдија победата.

Антон Казарновски со 21 и Мијатовиќ со 20 поени беа најпрецизни кај Блокотехна, која сега ја чека четвртфиналната пресметка помеѓу екипите пласирани од третото до шестото место по што би го добила противникот во полуфиналето од БИБЛ.