Драма во Хамбург: Србија од -15 стигна до пресврт и триумф против Италија

Српската кошаркарска репрезентација славеше со 90-86 против Италија и обезбеди финале на Суперкупот, кој се одржува во Германија.

По неизвесната прва четвртина, која ѝ припадна на Србија со 24-23 следеше доминација на италијанските кошаркари кои стигнаа до +13 (43-30) на средината од втората четвртина, по што Никола Јокиќ и другарите успеаа да намалат на девет поени негатива на полувремето (44-53).

Италија играше одлично и во вториот дел од мечот и ја зголеми предноста на +15 (70-55), а потоа Србија влезе во ритам и на средината на последната четвртина направи целосен пресврт (81-80), а потоа водството го чуваше до крајот и славеше со 90-86.

Јокиќ беше најефикасен кај Србите со 18 поени, 10 скокови и пет асистенции, додека на спротивната страна Симоне Фонтекио постигна 25 поени, три скокови и една асистенција.