Десеткуваниот МЗТ Скопје остана без здив на гостувањето кај Морнар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз го завршија настапот во АБА-лигата сезонава, откако вечерва загубија на гостувањето кај Морнар (75-106), во меч кој немаше апсолутно никакво резултатско значење за двете екипи.

 

Сино-белите одиграа колку што можеа со оглед на тоа што настапија со сами девет кошаркари, без повредениот Бојан Трајковски и без Џордон Крафорд и Алексеј Нешовиќ, кои немаат право на настап во регионалното натпреварување. Згора на тоа, поради семејни обврски на клупата не беше тренерот Жељко Лукајиќ , чие место го пополни неговиот прв асистент, Ѓорѓи Кочов.

Составот од Бар го потврди својот квалитет и пласманот во плејофот и по само пет минути дојдоа до двоцифрена позитива (14-4), која набрзо потоа беше и удвоена (33-13). Тоа како да ги налути аеродромци, кои до крајот на полувремето одиграа борбено и пожртвувано, со што на самиот почеток од третиот период намалија на едноцифрени минус осум (44-52). Но, потоа дојдоа проблемите со личните грешки и заморот, како резултат на кусата ротација, што домаќинот максимално го искористи за драстично зголемување на предноста и потврда на заслужената победа.

Марко Симоновски со 27 поени (шест тројки) беше најпрецизен кај „металците“, а одличен натпревар одигра и Јуре Лалиќ со 22 поени (18 од нив во првото полувреме) и 11 скока. Двоцифрен поентерески ефект имаше и Дамјан Стојановски со 10 поени.

Со овој пораз, МЗТ Скопје остана на три победи во АБА-лигата, по што силите ќе ги насочи кон одбрана на домашната титула. Веќе задутре нив ги очекува меч на домашен терен против Фени индустри од заостанатото 18. коло додека следниот викенд ќе гостуваат во „Градски парк“ кај најголемиот ривал, Работнички.