Црногорците со две екипи во плејофот, Будуќност главен конкурент на тимот на Антиќ!

По 22 кола и вкупно 132 одиграни натпревари, синоќа заврши регуларниот дел од АБА-лигата со релативно изненадувачки епилог – доминација на екипите од Црна Гора кои ќе имаат дури два претставника во плејофот за титула.

Ако за Будуќност тоа и се претпоставуваше, како второпласирана на табелата зад актуелниот шампион Црвена звезда, изненадување во ова друштво е тимот на Морнар, за кого ова е само втора сезона во регионалното натпреварување. Четворката ја комплетира хрватска Цедевита, која и покрај одличниот тим не успеа да оствари подобар резултат од третото место.

Ова значи дека во полуфиналето од доигрувањето, кое почнува в недела и кое се игра до две победи, црвено-белиот тим во кој настапува и нашиот Перо Антиќ ќе ги одмери силите со Морнар, додека Будуќност ќе ѝ биде домаќин на Цедевита. Реваншите се на програмата на 25 март во Бар односно Загреб, а евентуалната мајсторка е предвидена на 31 март на терените на подобропласираните екипи. Финалето, пак, се игра во три добиени средби и тоа во термините 9,10, 12, 13 и 15 април (последните два се ако биде потребно).

Шампионот добива право на настап во Евролигата.