Циркус во АБА: Купија Американец за да ја победат Цибона, па утредента го - продадоа!

Екипата на Мега Бемакс, која води грчевита борба за опстанок во АБА-лигата, минатата недела беше во центарот на вниманието на европската кошаркарска јавност, откако неочекувано го ангажира доскорешната ѕвезда на големиот Макаби тел Авив, Деандре Кејн, кој денеска направи трансфер во Грција.

Американецот одигра само еден меч за српскиот тим и тоа синоќа против Цибона, во кој дојдоа до злато вреден триумф кој најверојатно на крајот ќе значи и избегнување на последното место на табелата. Кејн за 28 минути постигна 14 поени против составот од Загреб, со што речиси ги згасна сите надежи на Задар дека и следната сезона ќе игра во регионалното натпреварување.

Според кошаркарскиот портал „Спортандо“, американскиот кошаркар од денеска е нов играч на грчки Перистери, а трансферот бил можен бидејќи тој имал „отворен“ договор со Мега Бемакс. Добро упатените воопшто не се сомневаат дека сето ова било изрежирано само белграѓани да дојдат до посакуваниот триумф, со оглед што менаџер на Кејн, а и неофицијален сопственик на тимот е еден ист човек – Мишко Ражњатовиќ.

Сето ова доаѓа како капак на сѐ што во последно време се случува во првенството на екипите на просторот на поранешна СФР Југославија, пред сѐ војната помеѓу Црвена звезда и Будуќност како и тужбата против лигата, која пред неколку дена ја поднесоа првите луѓе на црвено-белите.