Чуден потег на ривал на МЗТ за опстанок во АБА - по првата победа го смени тренерот!

Еден од најголемите конкуренти на МЗТ Скопје во борбата за опстанок во АБА-лигата, екипата на Борац Чачак, неочекувано го смени тренерот Марко Мариновиќ и тоа само неколку дена по првата победа по осум меча од новата сезона во регионалното натпреварување.

Српскиот тим имаше лош старт и седум порази по ред, но смената на клупата изненадувачки дојде дури откако беше остварена првата победа и тоа против силниот Морнар. Тоа не го спаси помошникот на Светислав Пешиќ во стручниот штаб на Србија, кој изминативе три години седеше на клупата на тимот од Чачак.

За негов наследник наскоро се очекува да биде промовиран доскорешниот асистент во Партизан, Дејан Мијатовиќ. Борац и покрај триумфот останува последен во АБА, со оглед на синоќешниот триумф на МЗТ Скопје над Мега, по која овие два тима сега имаат по две победи.