Центарци се бунат: Како може на турнирот за Цевка да го нема неговиот Работнички?!

Претстојниот турнир во кадетска конкуренција во чест на прерано починатата тренерска легенда Драган Василов предизвика и одредена контроверза, откако вечерва со соопштение се јави тимот на Работнички, реагирајќи што не е меѓу учесниците на овој настан.

Центарци се зачудени како може да не бидат повикани со оглед што популарниот Цевка најголем дел од кариерата мина токму меѓу нив.

„Сакаме, пред сѐ, да ја поздравиме и поддржиме одлуката да се направи турнир во чест на прерано починатиот Драган Василов. Сепак, сметаме дека е огромен пропуст тоа што на овој меѓународен турнир не е поканет и клубот во кој Цевка ја помина речиси целата своја тренерска кариера, каде што беше тренер на преку 1.000 момчиња на возраст од 14 до 18 години.

Низ неговите раце поминаа бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сѐ од школата на Работнички, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловси. Сите во времето кога Цевка беше во Работнички.

Бараме да ни се објасни која е причината поради која Работнички и неговите У-16 тим не добија покана на овој турнир на кој му се оддава чест на нашиот ЦЕВКА“, се вели во соопштението на Работнички.

На турнирот, кој почнува задутре, ќе настапат осум екипи меѓу кои се Црвена Звезда, МЗТ Скопје, Вардар, Реал Гуровиќ Академија од Србија, Академик Пловдив од Бугарија, Слован Љубљана, Шопрон од Унгарија и Клуж од Романија.