Борба за (многу) пари: Лука Дончиќ поднесе тужба против сопствената – мајка!

Словенечкото кошаркарско чудо, Лука Дончиќ, поднесе барање до Комисијата за патенти на САД за поништување на регистрацијата на заштитниот знак „Лука Дончиќ 7“, кој е во сопственост на неговата мајка, Мирјам Потербин.

Оваа информација прв ја пренесе американскиот новинар Марк Штајн, а причина за тоа е желбата на ѕвездата на Далас маверикс да преземе целосна контрола врз брендовите кои го носат неговото име.

„Продолжувам да растам како играч и како личност, поради што исклучително ми е важно да го контролирам сопствениот бренд“, изјави меѓу другото Дончиќ за Штајн.

Несогласувањето на Дончиќ и Мирјам, која отсекогаш била во центарот на вниманието поради огромната грижа за кариерата на синот уште од негова 12-годишна возраст и поради нејзината убавина, почнува во 2018 година, кога таа го регистрира сега спорниот бренд. Откако Лука се обидел да регистрира сопствена марка „Лука Дончиќ“ бил одбиен поради совпаѓање со компанијата на неговата мајка, која, пак, одбила да го откаже патентот во корист на својот син.

Во тужбата на Дончиќ против неговата мајка е наведено дека тој не е поврзан со брендот „Лука Дончиќ 7“ и дека не се согласува дасе продаваат артикли со неговото име. Штајн исто така објави дека словенечкиот репрезентативец повеќе не е поврзан ниту со брендот „ЛД 77“ ниту со интернет-страницата што го носи неговото име.