„Бомба“ во Белград: Кошаркар на Торонто репторс потпиша за Црвена звезда! (ВИДЕО)

Доскорешниот кошаркар на новиот НБА-шампион Торонто репторс, Лоренцо Браун, е најновото засилување за Црвена звезда во пресрет на новата сезона во која црвено-белите влегуваат како главен фаворит за трофеј во АБА-лигата, но и со сериозни амбиции во Евролигата.

Станува збор за искусен плејмејкер кој има одиграно 103 натпревари во најсилната лига на светот и кој последните две сезони беше дел од тимот од Канада. Браун, сепак, не играше во плејофот за титула со оглед што го напушти Торонто во јануари за да се пресели во Кина, каде што настапуваше во дресот на Гуанжу. Има играно и за Филаделфија, Минесота и Феникс, а ова ќе биде прва европска епизода на него.

Браун е петтото засилување за Ц. Звезда летово, откако претходно за овој клуб потпишаа Дерик Браун, Џејмс Гист, Чарлс Џенкинс и Огњен Кузмиќ, додека договорите ги продолжија Били Берон, Стратос Перпероглу, Мо Фаје, Филип Човиќ, Бранко Лазиќ, Огњен Добриќ и Бориша Симаниќ.