Боксер ќе го тужи Кузмиќ: За малку ќе не убиеше, а не сака ни едно извинување да прати!

Боксерот Дражан Јањанин, кој беше во автомобилот со кој се судрил кошаркарот на Црвена Звезда Огњен Кузмиќ на магистралниот пат Бјелина – Бања Лука, најави дека ќе го тужи српскиот центар, откако овој по излегувањето од болница не испратил ни една порака со извинување.

Јањанин е боксер од Република Српска, кој се враќал од Минхен со својот кум Марко Мијатовиќ, кога на нивниот автомобил налетало поршето на Кузмиќ.

„Ќе го тужам Огњен. Јас и кумот можевме да загинеме пред самата куќа, а тој (Кузмиќ – н.з.) не се сети барем една порака со извинување да ни прати. Барем да прашаше како сме. Па тој ќе не убиеше возејќи го своето порше пијан“, вели Дражан за српските медиуми.

Боксерот се враќал од Германија после една борба и сакале што побргу да се вратат за да ги изненадат сите во семејството.

„Јас се враќав од Германија, сакав да ги изненадам децата и сопругата, а за малку ќе настрадав. Веројатно никој немаше да биде жив, ако мојот кум не беше најприбран. Инстинктивно сврте на страна за да го избегне Кузмиќ, кој не удри во задниот дел и потоа поршето се превртуваше, па заврши во дол. Огњен возеше, беше зад воланот кога ги најдовме во долот, а колку што случнав бил ептен пијан“, додава Јањанин.

Кузмиќ моментно е на домашно лекување откако после неколкуте дена во индуцирана кома и после операцијата на горната вилица, сега закрепнува од тешките повреди, а според информациите на српските медиуми, рехабилитацијата оди и подобро од очекуваното.