Блокотехна како фаворит ја почнува авантурата наречена БИБЛ-лига!

Кошаркарите на Блокотехна вечерва ќе го одиграа првиот натпревар во втората, за нив, сезона во БИБЛ-лигата и тоа на домашен терен против бугарскиот прволигаш Академик Бултекс (18.30 часот).

Во дебитантскиот настап на меѓународна сцена, гевгеличани стигнаа дури до завршниот турнир каде што немаа среќа па завршија како четврти, што, сепак, беше успех за тимот кој постои само неколку години. Екипата предводена од тренерот Марјан Илиевски во последен момент прифати да биде дел од балканската приказна, што им носи четири средби овој месец, по две дома и на теренот на противниците.

Блокотехна во вечерашниот дуел влегува како фаворит, пред сѐ поради фактот што одлично ја почна сезоната во домашното првенство каде што е на делба на лидерската позиција со Работнички. Згора на тоа, во тимот се очекува да дебитира и најновото засилување, Американецот Брендон Пен, додека противникот нема да може да смета на дури тројца стандардни првотимци, Дајшон Најт, Никола Вујовиќ и Младен Витковиќ.