Албанија и Косово се обединија – кошаркарски!

Тоа што од пред неколку месеци се најавуваше, синоќа во албанската престолнина Тирана се случи – Албанија и Косово се обединија на кошаркарски план.

Договорот на двете кошаркарски федерации во Тирана е потпишан за формирање на единствена кошаркарска лига на овие две земји, а истиот го потпишаа претседателите на кошаркарските федерации на Албанија, Авни Понари и на Косово, Арбен Фетаху.

Кошаркарската лига на Албанија и Косово е заеднички проект на Тирана и Приштина, а прв кој го поздрави проектот и кој присуствуваше на „историскиот момент“ беше албанскиот претседател Еди Рама. Покрај него на потпишувањето на договорот беа и министерките за млади и спорт на двете земји, како и првиот човек на ФИБА Европа, Турчинот Тургај Демирел.

„Оваа лига е долгогодишна желба и идеја, а на идеите некогаш треба време за да се остварат и сега ова се случува. Оваа лига ќе го подигне нивото на натпреварување и ќе создаде подобар квалитет на паркетот“, рекол Рама, посочувајќи дека оваа лига треба да биде повод и за многу други иницијативи за обединување на Албанија и Косово.