Аеродром на нозе: МЗТ Скопје брка четврта победа против Спарс вредна АБА2-финале!

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево, во салата „Јане Сандански“, ќе го одиграат вториот полуфинален натпревар од плејофот во АБА2 против Спарс (17 часот), во кој бркаат победа вредна пласман во големото финале.

Одамна во Аеродром немало вака голем интерес за некој натпревар на миленикот на општината кога на спротивната стране не бил вечниот ривал од црвената страна на градот. Желбата за брзо враќање во јадранската елита е причината поради која се подготвува вистинска мобилизација за голема поддршка од трибините за избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов. Сино-белите минатата среда, со кошот на Лестер Медфорд на секунда до крајот, дојдоа до „брејк“ во серијата која се игра до две победи, кој сега треба да биде потврден на домашен терен.

Евентуален триумф на аеродромци ќе значи и добивање две шанси за влез во АБА и тоа прво преку финалето, а потоа, при евентуален неуспех, и преку бараж-пресметката со Задар. Тимот е комплетен, а единствен што нема да настапи е подолго време повредениот Андреј Маслинко.

„Победата на теренот на противникот ја заборавивме уште на враќањето кон Скопје. Ова е плејоф, каде што влогот е голем, а секој натпревар поразличен од претходниот. Очекувам уште еден неизвесен дуел против Спарс, во кој мотивацијата ќе биде клучен фактор. Во мечот ќе влеземе без никакви калкулации и ќе дадеме сѐ од себе за да победиме. Ќе го заборавиме заморот, кој реално е присутен во тимот, бидејќи желбата да играме финале е поголема од него. Сакам да се гине за секоја топка во сите 40 минути. Знам дека играчите се свесни за тоа и знам дека ќе го дадат својот максимум. Ги повикувам и нашите навивачи да дојдат во што поголем број да ни помогнат до уште една исклучително важна и тешка победа“, вели тренерот Кочов.

Ова ќе биде четврти дуел на македонскиот претставник против Спарс сезонава, а досегашниот скор е 3-0 за МЗТ Скопје. Најавен е и директен пренос на каналите на Арена спорт телевизија.