Жешко е во НБА: Мајами со уште еден чудесен пресврт до 2-0 во финалето на Истокот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Мајами хит продолжуваат да воодушевуваат во плејофот, откако ноќеска направија уште еден голем пресврт и триумфираа во втората пресметка против Бостон селтикс (106-101) за 2-0 во финалето на Истокот.

„Жешките“ не беа на ниво на задачата во првото полувреме, па имаа и негатива од дури 17 поени, но потоа блеснаа во третата четвртина, која ја добија со 37-17 и најавија уште една голема победа во доигрувањето. Финишот беше неизвесен, но пресуди мирната рака на кошаркарите на Мајами во пресудните моменти.

Словенецот Горан Драгиќ со 25 поени беше најпрецизен во победничкиот тим, додека јунакот од претходниот меч, Бем Адебајо средбата ја заврши со 21 поен и 10 скока. Кемба Вокер со 23 поени беше најефикасен кај „келтите“.

Ноќеска, по македонско време, почнува и финалната серија во Западната конференција помеѓу ЛА Лејкерс и Денвер нагетс.